Размена на искуства и предизвици од имплементацијата на законите за посебни текови и управување со отпад, како и законот за проширена одговорност на производителот се главна тема на работилницата што во организација на Асоцијацијата за посебни текови на отпад при Стопанската комора на Северна Македонија, се одржува вчера и денес во Струмица.
„Сметам дека преку воспоставување на добра и отворена комуникација, размена на искуства и предизвици со кои се соочуваат сите чинители во процесот со управување со отпад во спроведувањето на законите од областа и проширената одговорност на производителите ќе си помогнеме едни на други во поуспешна имплементација на законите и исполнување на националните цели за собирање на отпад“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова во воведното обраќање. Таа потенцираше дека Министерството има издржани планови и политики поткрепени со силен сет на еколошки регулативи во кои е предвидено преземање на акција во секоја фаза од производството и потрошувачката, но потребна е силна општествена одговорност и на производителите и на потрошувачите, промена на целокупниот концепт и пристап во областа при што ќе зборуваме за управување со ресурси, а не со отпад или ѓубре, но и усогласување и обезбедување на услови за секоја и најмала општина за селекција, собирање и рециклирање на отпадот.
На настанот се обрати и Филип Иванов претседател на Асоцијацијата кој што истакна дека ваквата соработка и усогласување меѓу различните актери во системот на управување со отпад е многу важна. Секој треба да биде одговорен во извршување на обврските, како производителите, така и потрошувачите доколку сакаме да се справиме со отпадот.
Според податоците од над 70 000 регистрирани компании само 1600 плаќаат надоместок за отпадот што го создаваат при производство на производите што ги пласираат на пазарот. Договорена е заедничка и координирана работа на Министерството, инспекциските служби, Царинската управа и Управа за јавни приходи за да се надминат аномалиите во функционирањето на системот во кој доколку секој ја исполнува својата обврската ќе се поттикне развојот на пазарните услови за работа од што сите ќе имаме бенефит и секако чиста животна средина.
На настанот присуствуваа деловните субјекти од дејноста, надлежните владини институции за воспоставување законска регулатива, инспекциските служби кои имаат обврска да ја следат примената на регулативата и локалните самоуправи кои се обврзани да ја имплементираат истата. Организатор на работилницата е Асоцијацијата за посебни текови на отпад при Стопанската комора на Северна Македонија.