Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова заедно со заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска остварија средба со потсекретарот на Обединетите Нации и извршниот директор на Програмата за животна средина на ОН, Ингер Андерсен, во чиј фокус беа Tројната планетарна криза и нејзинито афектирање на нашата држава, досегашната и идна меѓуинституционална соработка и одржливиот развој.
Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова наведе дека партнерствата во животната средина ги смета за исклучително важни и ги истакна очекувањата поддршката на УНЕП да продолжи и во наредниот период, особено во адресирање на Тројниот планетарен предизвик за намалување на влијанијата на климатските промени и зголемена отпорност кон истите, намалување на загубите на биолошката разновидност и намалување на загадувањето на водите, воздухот и почвата.
Воедно, таа изрази благодарност до УНЕП за целосната поддршка во историското прогласување на четвртиот национален парк Шар Планина и во процесот на ревалоризација на Охридското Езеро со цел негово ре-прогласување за споменик на природата, и ја истакна потребата од поддршка на УНЕП за прекугранична соработка и регионален пристап во заштитата на заедничките екосистеми со соседните земји, како и за реализација на приоритетите поврзани со зелената транзиција преку заеднички акции.
„Од голема помош би била усогласеноста со предизвиците на евроинтегративните процеси во Поглавјето 27 – Животна средина и клима, имплементацијата на Зелената агенда, како и прекуграничната соработка и регионалниот пристап во заштитата на заедничките екосистеми со соседните земји“, рече Шукова додавајќи дека во соработката со УНЕП гледаме можност и предизвик за државата да направи усогласување на глобалните финансиски текови со тие на ЕУ со цел да се максимизираат придобивките.
На средбата, вицепремиерот Битиќи информираше дека Северна Македонија е во фаза на подготовка за Самитот на целите за одржлив развој, кој овој септември ќе се одржи во Њујорк во рамките на Генералното Собрание на Обединетите нации.
Тој нагласи дека во УНЕП гледа партнер за нова соработка во однос на транзицијата кон ниски емисии и климатски отпорна економија, вклучително и адаптација во просторното планирање и климатски отпорна инфраструктура.
Ингер Андерсен од нејзина страна изрази благодарност за посветеноста на Владата на Северна Македонија за проактивното вклучување во справувањето со еколошките предизвици. „Разговаравме за напорите на Владата на Северна Македонија да се справи со итните прашања за климатските промени, губењето на биолошката разновидност и загадувањето, кои заедно претставуваат голема закана за нашата планета и за нејзините жители. Посветеноста и лидерството што ги покажа вашата администрација во овој поглед не останаа незабележани и ја пофалуваме вашата посветеност за одржлив развој и за благосостојбата на сегашните и идните генерации“, рече Андерсен.
Таа додде дека УНЕП е подготвен да ја поддржи Владата на Северна Македонија и е посветен на обезбедување техничка експертиза, совети за политики и поддршка за градење капацитети за понатамошно унапредување на одржливиот развој и зачувување на животната средина во земјата.
Постојаната координаторка на ОН во Р. Северна Македонија, Росана Дуџак, изрази задоволство од соработката помеѓу Владата и агенциите на ОН за адресирање на предизвиците поврзани со животната средина, преку посветен ангажман за зачувување на биодиверзитетот, намалување на загаденоста на воздухот, адресирање на климатските промени, ризиците од катастрофи и опасен отпад.
Посетата на Р.С. Македонија од страна на Андерсен и тимот на УНЕП и средбата со Шукова и Битиќи ја иницираше Министерството за животна средина и просторно планирање, а се реализираше во рамки на тековната турнеја на Андерсен низ земјите од Балканот.