Темелковски: живееме во еден од најчувствителните региони на влијанијата на промените на климата

7Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, се обрати на отварањето на работилницата “Адаптација кон климатските промени”, која, во организација на Светскиот фонд за природа (WWF), денес и утре се одржува во хотел „Њу Стар“, во Визбегово, во Скопје.

 Истакнувајќи дека зачестените поплави и екстремните временски случувања претставуваат доказ за чувствителноста и ранливоста на овој регион од глобалното затоплување, заменик министерот Темелковски потенцираше дека голем дел од тековните активности на нашата држава се насочени кон постигнувањето на глобално зададената цел – сите држави да се движат кон т.н ниско-емисиони или т.н. „зелени“ економии и да ги поднесат своите т.н. контрибуции за постигнување на оваа цел до крајот на 2015 година на Светскиот Самит во Париз.

 – Работиме на анализа на различни сценарија за изградба на „зелена“ економија и резултатите ќе бидат преточени во политички документ кој ќе го усвои Владата на РМ пред Самитот. Но, потребно е да истакнеме и дека нашите држави спаѓаат во еден од најчувствителните региони на влијанијата на промените на климата, така што предмет на нашите анализи се и секторите кои се најчувствителни на промените. Во нашите национални извештаи се идентификувани најранливите сектори (тоа се секторите водни ресурси, биолошка разновидност, земјоделие, шумарство, туризмот, културното наследство, здравјето на луѓето) и се предложени мерки за намалување на нивната ранливост. Но она што е клучно во адаптацијата кон климатските промени е вградувањето на прашањето на климатските промени во релевантните секторски стратешки, плански и програмски  документи како на национално ниво, така и во документите на регионално ниво – изјави заменик министерот Темелковски.

 Работилница обезбеди екпертиза со широк спектар на знаења на учесниците за управување со катастрофи и адаптација кон климатските промени што е добар предуслов за квалитетна оценка на моменталната состојба и адресирање на приоритетни прашања од областа со цел заштита на природата и подобрување на националните системи за конзервација на природата и биолошката разновидност.

 Работилницата е организирана во рамки на проектот ПАРКОВИТЕ НА ДИНАРСКАТА  ВЕРИГА кој има за цел создавање на платформа на заштитените подрачја која ги поврзува сите паркови на природата и националните паркови од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Словенија и Србија.

 Република Македонија во рамки на овој проект го потпиша документот “Big Win for Dinaric Arc” со што имаме учество во проектот.

Служба за информирање