На координативен состанок на сите надлежни институции на централно и локално ниво во врска со загадувањето на амбиенталниот воздух, кој се одржа на 1.11.2019г. на иницијатива на Министерството за животна средина и просторно планирање, а во координација со заменик на председателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, Кабинетот на премиерот и останатите надлежни министерства, по одржаната дискусија, присутните инспекциски служби добијаупатства и обврски за засилено инспекторирање преку формирање на комбинирани тимови во кои ќе бидат вклучени и претставници на полицијата, со 24-часовна покриеност и за тоа ќе известуваат на дневна основа.
Согласно записникот од координативниот состанок направена е распределба на надлежностите на инспекциските служби за животна средина на централно и локално ниво и тоа:
– Државниот инспекторат за животна среднина се задолжи да изврши вонредни инспекциски надзори во инсталациите кои подлежат на А-ИСКЗ Дозволи и Елаборати за животна средина секаде каде што има значителни емисии во амбиенталниот воздух и да изготви збирна информација за целата држава, по што согласно Годишната Програма за работа на Државниот Инспекторат за животна средина и Кварталните планови на секој од Државните инспектори за животна средина да продолжи со вршење инспекциски надзори и врз основа на утврдена состојба на лице место да ја менува фреквенцијата на инспекциските надзори и да се воведат дополнителни дежурства согласно потребата од истите, надвор од редовното саботно дежурство и т.н систем на пасивно дежурство по завршување на работното време.
– Овластените инспектори за животна средина, Овластените комунални инспектори и Комуналните редари, Овластените градежни инспектори кои се распоредени во општините во Република Северна Македонија, општините во Градот Скопје и Градот Скопје се задолжија да извршат вонредни инспекциски надзори во инсталациите кои подлежат на Б-ИСКЗ Дозволи и Елаборати за животна средина секаде каде што има значителни емисии во амбиенталниот воздух и при инспекциските надзори да го користат новиот „Правилника изменување и дополнување на Правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарните извори во воздухот”, односно согласно надлежностите кои произлегуваат од Законот за управување со отпадот и Законот за јавна чистота (палење на смет на јавна површина, диви сметлишта…), и останатите закони од комуналната сфера, потоа Законот за градење и останати закони од градежната сфера и да изготват збирна информација секој за својата општина, по што согласно Годишните планови за работа да продолжат со вршење инспекциски надзори и врз основа на утврдена состојба на лице место да ја менуваат фреквенцијата на инспекциските надзори при што да се воведат задолжителни двосменски дежурства спрема расположивите човечки ресурси тимски заедно со униформирани лица од Полициските станици од општа надлежност.
Исто така, општините се задолжени да апелираат до жителите преку медиумите кои им се на располагање околу штетноста од користење на влажни дрва, односно гуми, стиропор, пластика, текстил, отпадни масла за индивидуално затоплување.
Но, од општините е побарано и да бидат во постојана комуникација со Дирекцијата за заштита и спасување и центарот за Управување со кризи и ЈП Национални Шуми во насока на превентивно делување и спречување на појава на шумски пожари.
– Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за земјоделство, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Шумска полиција, Државниот инспекторат за техничка инспекција и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизамсе задолжија да извршат вонредни инспекциски надзори кај правни субјекти секој во рамки на своите надлежниости (градилишта заради прашина и пм честички, миење на товарните возила од кал на тркалата, земјоделски површини посебно за палење на стрништа да се направи апел заедно со Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, Скопје и Федерација на Фармерите околу штетноста од палење на стрништата), надзори во складовите кои продаваат дрва за огрев (влажност на дрвата), надзор во објектите како каменоломи и сепарации (прашина која се емитира од работењето на истите) и спречување на илегална сеча на дрва за огрев на територијата на целата држава и да изготват збирна информација за целата држава, по што согласно Годишната Програма за работа на Државните Инспекторати продолжат со вршење инспекциски надзори и врз основа на утврдена состојба на лице место да ја менуваат фреквенцијата на инспекциските надзори и да се воведат дополнителни дежурства согласно потребата од истите, надвор од редовното саботно дежурство кај инспекотратите кои имаат вакво дежурство и т.н систем на пасивно дежурство по завршување на работното време.
– Инспекцискиот Совет на Република Северна Македонија преку претседеателот и сите 6 членови на Советот од различни области се задолжи, активно да се вклучи во координацијата со инспекциските служби согласно Законот за инспекциски надзор и да се воведе единствена платформа за доставување претставки по телефон, интернет, мејл и да се направи координација со Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со Кризи околу непреченост на комуникацијата со сите релевантни служби.
– Државен пазарен инспекторат се задолжи активно да се вклучи во контрола на квалитетот на течните горива и нивно правилно користење.
– Министерството за внатрешни работи се задолжи активно да се вклучат во засилени контроли при регистрација на возилата и воопшто при патен собраќај, вондредни регистрации, исто така ако има забележливо димење од возилата, автобусите, камионите.