(21.04.2015 год.) Денес, во организација на Бизнис Центарот на Скопски Плански Регион и Сојузот на Стопански Комори на Македонија, а со поддршка на Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на Обeдинети нации (UNDP) се одржа информативен настан на тема „Енергетска ефикасност во градежништвото – Зелена градба“.
Заменик министерот за животна средина и просторно плнирање, Стево Темелковски, како еден од четирите излагачи на настанот, зборуваше за: „Енергетската ефикасност како инвестиција во заштитата на животната средина“.
Според него, покрај индустријата, енергетскиот сектор врши најголем притисок врз животната средина бидејќи е главен генератор на употреба на фосилните горива, чии загадувачки рецидиви придонесуваат за локално и глобално загадување и нарушување на природниот режим на животната околина и здравјето на луѓето. Околу 40% од вкупната светска енергија се троши на греење и ладење на изградените објекти.
Од друга страна, повикувајќи се на податоците дека граѓаните во РМ живеат во ниско енергетско-ефикасни домови при што најчесто употребуваните системи за греење имаат ниска енергетска искористливост, Темелковски укажа на важноста на секторот Градежништво во создавање на здрави, одржливи простори во урбани средини како резултат на економски здрава инвестиција, општествено одговорно управување усогласено со принципите на одржливиот развој.
При тоа, тој наведе дека една од политиките на Владата во овој сектор е користење на поквалитетни материјали, но и обучен човечки ресурс што ќе работи во изградбата на енергетски ефикасни објекти.
Најголема опасност Темелковски гледа во можноста поврзаноста на градежниот и енергетскиот сектор со конкурентноста на која било економија во светот да доведе до лесна подготвеност заради економски бенефит да се прегази важноста на борбата за создавање на легални, институционални, технички, економски и социјални предуслови за успешна и одржлива борбата против климатските промени.
Затоа е многу битно правилно да се сфати самото значење на енергетската ефикасност. Имено енергетската ефикасност е сума на планирани и спроведени мерки во насока на користење на минимално можно количество енергија, така што нивото на удобноста да остане сочувана. Важно е да се истакне дека таа никако не може да се смета како штедење на енергијата. Заштедата секогаш подразбира одредени одрекувања, додека ефикасното користење и зачувување на енергијата никогаш не ги нарушува условите за работа и условите за живеење. Понатаму, подобрувањето на ефикасноста во потрошувачката на енергија не подразбира само примена на техничките решенија. Напротив, секоја технологија и техничка опрема, без оглед колку е ефикасна, ја губи таа своја особеност ако нема луѓе со вештини и знаења кои ќе умеат да ја исползуваат на најефикасен можен начин.
– Затоа, во предвечерието на Денот на планетата Земја, на крајот ќе речеме, дека енергетската ефикасност е првенствено прашање на свеста на луѓето и нивната подготвеност за промена на усталените навики кон енергетски ефикасните решенија, отколку што е тоа прашање на комплексни технолошко-технички изведбени решенија – го заврши своето излагање Темелковски.