(15.01.2015г)-Kон водите како општо добро, треба да се однесуваме со посебна грижа водејќи сметка за нашето влијание врз нив, но и за тоа на каков начин и во која количина ги користиме. Токму, овој проект беше насочен кон изработка на Студија за тарифи за вода, која ги предложи економските инструменти за користење на водите, и методологијата врз основа на која ќе се пресметува користењето на водата, без разлика дали како користење подразбираме испуштање на отпадни води или пак консумирање на вода- истакна министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири на отварањето на конференцијата за официјално завршување на проектот: ”Развивање на национална студија за тарифи за вода” која се одржа денеска во Инфо центарот на ЕУ во Скопје.
Проектот чиј краен корисник е Министерството за животна средина и просторно планирање е во вредност од 785 000,00 евра, средства обезбедени од Европска Унија, а е реализиран од Конзорциумот ЕПТИСА и ГЕИНГ .
Општата цел на проектот е да воспостави економски инструмент за имплементација на првите чекори во примената на принципот “загадувачот плаќа” во секторот води, што е поврзано со финансиската одржливоста на идните инвестициони проекти.
Намера на проектот е да изработи Национална тарифна студија за вода за воспоставување на економски инструмент за балансиран систем на цените на водните услуги и за финансиско одржливо управување со инвестиционите проекти. Уште понатаму, специфичните цели вклучуваат: поставување основа за реформите кои ќе следат во секторот води, креирање тарифи во согласност со ЕУ принципите и најдобрите европски искуства, развивање економски инструмент за примена на првите чекори од принципот загадувачот плаќа и покривање на трошоците за услугите и обезбедување на финансиски одржливо управување со инвестиционите проекти во секторот води.
Министерството планира веќе наредниот месец ќе ја започне постапката за консултација за законот за утврдување на тарифите за вода. Воедно, воспоставувањето на одржлива правна и институционална рамка за утврдување на тарифите за користње на водите е услов за спроведување на инвестиции во секторот води. Без обезедување на оддржлив систем на финансирање неможеме да очекуваме дека ново изградените пречистителни станици ќе бидат функционални, ниту пак можеме да очекуваме ЕУ и другите донатори да ни помагаат во исполнување на обврската за прочистување на урбаните отпадни води.