Денеска се одржа настан за консултација со јавноста по Нацрт- Студијата за валоризација на Споменикот на природата – Охридско Езеро, во рамки на тековниот ГЕФ/УНЕП проект “Постигнувањето на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето” (СТАР 5), каде МЖСПП е главен партнер и корисник. Проектната активност ја спроведува Регионалната канцеларија на Меѓународната унија за заштита на природата за Источна Европа и Централна Азија (IUCN ECARO) во соработка со МЖСПП и УНЕП, а со учество на меѓународни и национални експерти.
Процесот на вклучување и консултација на јавноста не е организиран согласно законска обврска, туку е резултат на желбата за рано информирање и вклучување на јавноста, со цел сите засегнати страни да се запознаат со Нацрт- Студијата и да ги дадат своите сугестии, препораки и забелешки по однос на истата, уште пред да почне постапката за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во категорија Споменик на природа. Со тоа МЖСПП, УНЕП и ИУЦН ја покажуваат својата транспарентност и инклузивност што се од особено значeње за подрачје какво што е Охридското Езеро.
Забелешки и коментари на оваа работна верзија, јавноста ќе може да доставува заклучно со 31-ви декември, по што нацрт-верзијата на Студијата ќе биде финализирана и поднесена до МЖСПП.
Во рамки на оваа проектна активност ќе биде изготвен и Нацрт-План за управување со Споменик на природа – Охридско Езеро.