(17.12.2019г.) Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули заедно со градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, ја посетија градинката „Буба Мара – Пчелка 2“, каде досегашниот нееколошки систем на греење на нафта се заменува со високо ефикасни инвертер клима уреди.
Поддршката што општината ја доби од Планот за чист воздух, за реализација на оваа мерка е во вредност од 3 милиони денари.
Досега за затоплување на овој објект просечно годишно се трошеа 14 тони нафта или пресметано во пари околу 12 илјади евра. Очекувањата се дека една грејна сезона ќе чини четири пати помалку. Успешноста на Планот за чист воздух не е само спречување на загадувањето, туку и заштедата на буџетските средства.
Идната година ќе се заокружат и двата јавни објекти, кои користат нееколошки извор на затоплување во општина Аеродром, и со тоа нема да постои јавна институција во општината која ќе го загадува воздухот.
Претходниот ден Макрадули ја посети и општина Кавадарци каде со градоначалникот на Митко Јанчевразговараа за поддршката што општината ја доби од програмата на МЖСПП за намалување на загадувањето, и за промена на стари врати и прозорци за енергетски ефикасни објекти на дел од општинските и подрачните училишта. По средбата тие направија обиколка на објектите кај кои веќе се спроведуваат активности за енергетската ефикасност во вкупна вредност од 1,8 милиони денари во основните училишта „Страшо Пинџур” во Возарци, „Страшо Пинџур” во Дреново, „Тоше Велков Пепето” во Кавадарци, потоа во ЕМУЦ „Киро Спанџов“ во Кавадарци и во ученичкиот дом во Дреново.
Како дел од мерките од Планот за чист воздух, во општина Кавадарци ќе бидат заменети нееколошките системи за греење на јавните во ОУ „Димката Ангелов – Габерот“ и во детската градинка „Рада Поцева” во Кавадарци и за овие интервенции се определи 5,2 милиони денари.