(03.12.2015г.) Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски и ЕУ Амбасадорот, Н.Е. Аиво Орав денеска, се обратија на завршниот настан за проектот „Техничка помош за зајакнување на институционалните капацитети за усогласување и имплементација на законската регулатива во областа на управување со водите“, на кој беа презентирани финалните проектни резултати.
– Овој проект даде значаен придонес во одржливиот развој на државата преку јакнење на капацитетите на Министерството за животна средина и просторно планирање, поточно Секторот за води и другите засегнати институции во областа на управувањето со води. Проектот помогна во понатамошното транспонирање и имлементирање на европското законодавство за води, преку изработка на приоритетни подзаконски акти во областа на управувањето со води во согласност со Рамковната Директива за води, зајакнување на административниот капацитет на централно ниво за спроведување на законодавството за вода и изработка на четирите основни елементи на планот за управување со слив на река Вардар односно карактеризација на речниот слив, анализа на влијанието на притисокот, идентификација на заштитените подрачја и предлог за развој на мониторинг програма – изјави заменик министерот Темелковски, додавајќи дека тоа значи чекор напред во понатамошното имплементирање на Рамковната Директива за води и јакнење на процесот на интерграција со Европската Унија.
Проектот се поддржан од Европската Унија, а го спроведува консултантската компанија Рамбол од Данска како дел од програмата за Помош при транзиција и градење на институциите – ТАИБ 2009.