(14.12.2016г.) Денеска во просториите на ЕУ Инфо Центарот во Скопје беше означено започнувањето на Твининг проектот за јакнење на административните капацитети за спроведување на Рамковната директива за отпад и директивите за посебните текови на отпад. На настанот локални и странски експерти одржаа презентации на тема управување со отпадот во нашата држава.
– Во областа на управувањето со отпадот голем дел од европските директиви се имплементирани во националното законодавство. Сепак, работата мора да се одвива во континуитет и хармонизацијата со новите директиви кои се донесуваат во оваа област ќе мора да продолжи, а со цел достигнување на стандардите за заштита на животната средина и здравјето на нашите граѓани – истакна во своето воведно обраќање Ана Мазнева, раководител на Секторот за отпад при МЖСПП.
Целта на проектот е да се креира и воведе подобрен систем за управување со отпадот, во кој секторите кои се занимаваат со оваа проблематика потемелно ќе ја разберат сопствената улога на тоа поле, како и да се создадат можности за развој и подобрено функционирање на постојните системи за управување со отпадот. Како краен резултат се очекува интензивирање на активностите за рециклирање во Р. Македонија и усовршување на системите за депонирање на сите видови на отпад.
Проектот е финансиран од Европската Унија, а ќе го имплементираат експерти од Обединетото Кралство и Кралството Шпанија, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.