(21.03.2015 г.) Со официјално предавање на користење од страна министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири на градоначалникот на општина Арачиново Брахим Ајвази се означи завршувањето на реконструкцијата на ободниот канал во Арачиново.
Искажувајќи надеж дека со овој зафат локалната власт, но и жителите на Арачиново трајно ќе се ослободат од проблемите на загадување со кои се соочуваа години наназад, а се предизвикани од отворениот канал кој поминува низ населеното место, министерот Изаири укажа и на фактот дека за здрава животна средина не се доволни само проекти од страна на државната власт, туку дека уште повеќе е потребна секојдневна грижа на секој поединец и негување на здрави животни навики и одговорен однос кон животната средина.
За реализација на проектот Министерството за животна средина и просторно планирање обезбеди од својот буџет средства во висина од 89 милиони денари, а исто така ја подготви и целокупната документација потребна за неговата изведба.
Каналот за отпадни води е во должина од приближно 2.000 метри. Од таа должина, на отворениот бетонски канал му припаѓаат 788 метри, 207 метри се затворен бетонски канал и 943 метри се отворен земјен канал.