Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини учествуваше на секторската консултативна средба на тема „Ефектите од работата на СРГ за животна средина и климатски промени и идните предизвици за подобрување на соработката помеѓу граѓанските организации и институциите“ и изработениот Извешај во сенка.
Настанот го отвори Фани – Каранфилова -ПАНОВСКА, извршна директорка на Фондација Отворено Општество – Македонија, која укажа на улогата и значањето на Секторска работна група како формален механизам за соработка меѓу НВО, владините институции и донаторската заедница, на потребата од итно преземање на климатски акции, како и определбата за исполнување на Зелената агенда на Западен Балкан како нова и провокативка рамка не само за владите, туку и за граѓанските организации и чија реализација ќе бара одржливи одлуки, интерсекторски пристап и јасно изразена политичка воља, но и ангажирање на сите расположиви ресурси во остварување на поставените цели.
Министерот Нуредини се осврна на важноста на секторскиот пристап во заштитата на животната средина и справување со климатските промени, нагласувајќи дека вакцина за климатските промени не постои и доколку не се преземат климатски акции сега и веднаш, во иднина тоа ќе не чини многу повеќе. Во тој контекст ги спомена проектираните национални придонеси кон Договорот од Париз во кои се предвидуваат сценарија за намалувања на стакленички гасови до 51% во однос на 1990 г.
Во однос на соработката со НВО, Нуредини потенцираше дека МЖСПП и Владата водат политика на „отворена врата“ и дека тоа секако се забележува во изминативе 18-тина месеци преку тематски средби кои пред засилување на пандемијата со КОВИД 19 редовно се одржуваа, преку обемот на информации кои се споделуваат на медиумските канали на МЖСПП, како и преку директната соработка во различни работни групи, консултации на јавност и сл. При тоа ја нагласи и важноста на инклузијата на темите за заштита на животната средина во образовниот процес од најмала возраст, па се до високото академско образование во градење на еколошки образовано граѓанство.
Никола БЕРТОЛИНИ, раководител на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ Бертолини укажа на неколку важни проблеми во Поглавијето 27-животна средина во РСМ. Пред се на слабата екипираност на МЖСПП, како и на нискиот приоритет на животната средина на ниво на држава од што следуваа и недостаток на средства за имплементација на политиките за животната средина.
Настанот е дел од проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“, кој го координира и имплементира Фондацијата Отворено општество – Македонија, со партнерите Реактор – Истражување во акција, Евротинк – Центар за европски стратегии и Центар за граѓански комуникации, а поддржано од ЕУ Делагацијата во државата.