(01.02.2016г.) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, градоначалникот на општина Радовиш, Сашко Николов и директорот на ЈКП “Плаваја” – Радовиш, Драги Миленков, денеска, го потпишаа договорот за спроведување на проектот „Изградба на пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на приоритетната канализациона мрежа во општина Радовиш”.
Вкупната вредност на договорот за градба на овој инфраструктурен објект изнесува 6.700.000 евра, а средствата се обезбедени преку Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА) предвиден во рамките на Оперативната програма за регионален развој 2007-2013 (дел: животна средина) и кофинансиран од Буџетот на Р. Македонија.
Со проектот ќе се обезбеди прочистување на урбаните отпадни води на Радовиш и населба Раклиш со што ќе се придонесе директно кон заштита на водите на Стара Река (Струмешница). Воедно ќе се изврши и раздвојување на дел од отпадната и атмосферската канализација што ќе овозможи поефикасно работење на пречистителната станица.
Проектот за градба ќе започне со спроведување во текот на месец февруари, а ќе заврши до јули 2018 година заради гарантниот период од една година.