Со одбележувањето на Денот на планетата Земја се инспирира свесноста за животната средина и целото човештво заеднички апелира за потребата од заштита на нашата планета.
Оваа година се означува 45-годишнина од првиот организиран Ден на планетата Земја, 22 април 1970г, кој воедно го претставува и почетокот на модерното глобално еколошко движење. Тој ден, 20 милиони aмериканци излегле на улиците низ целата држава со барање да се спречи уништувањето на животната средина. Овој собир ќе резултира со формирање на првата агенција за заштита на животната средина, како и усвојувањето на актите за чист воздух, чиста вода и загрозени видови. Од тогаш, Денот на планетата Земја и глобалното еколошко движење забрзано растат и се шират. Денес, повеќе од милијарда луѓе во 192 земји учествуваат во активностите кои се дел од глобалниот настан посветен на планетата Земја.
Како и досега, и оваа јубилејна година на одржување на Денот на планетата Земја, носи големи позитивни промени во однос на заштитата на животната средина. Во 2015г. фокусот се става на посебните еколошки предизвици на денешнината, како и настојувањата за интегрирање на одржлив економски развој со барањата за почиста животна средина како основно човеково право. Ова е годината кога човештвото се оттргнува од фосилните горива, насочувајќи ја својата финансиска моќ кон обновливите извори на енергија, свесно дека се работи за иднината на нашата планета и за опстанокот на целиот жив свет на Земјата.
Затоа, на Денот на планетата Земја ја повикуваме јавноста да заземе проактивен став во однос на заштитата на средината во која живеме, со што заедно здружени, на светот ќе му предочиме една нова визија како изгледа напредокот. Наш ред е да водиме!