Турција: ЕКО Конференција за климатски промени

turcija 3(27.03.2015) Денес, министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири присуствуваше и зборуваше на состанокот на високи претставници на земјите членки на ЕКО Секретаријатот (Economic Cooperation Organization), на балканските држави и на интернационалните организации, што се организираше во рамките на EКO Конференцијата за климатски промени која од 25-27 март се одржува во Сафранболу во Турција. Во овој висок сегмент од конференцијата, министерот Изаири ги презентираше досегашните и идни акции на Македонија за намалување на емисиите на стакленички гасови и за справување со климатските промени, а во контекст на активности што ги преземаат државите во пресрет на Парискиот климатски самит 2015 (COP21).

Укажувајќи на загриженоста од негативните влијанија од климатските промени како и од сериозните еколошки, социјални и економски последици што ги предизвикуваат, министерот Изаири во своето излагање посочи:

– Додека светот маршира кон декемвриската Конференција на Страните (COP21) – Парискиот климатски самит, владите одредуваат каквиакции треба да преземат за да ги намалат емисиите и да се справат со климатските промени. Посветеноста на Република Македонија на намалувањето на емисиите на стакленички гасови и забавувањето на глобалното затоплување е со различен интензитет во текот на изминатите години. Нашите подготовки за Конференцијата во Париз се одвиваат на неколку нивоа: техничко и во партнерство со науката, изразено преку анализи на најизводливите, но во исто време и амбициозни национални контрибуции за ублажување на климатските промени. Ова се потпира на почитување на принципот на учество на јавноста и на сите засегнати страни.Согласно Програмата за работа на Владата на Република Македонија, предвидено е усвојување на т.н политички документ кој ќе ја претставува нашата национална контрибуција во глобалните напори за ублажување на климатските промени. Ќе следи доставување на овој документ до Секретаријатот на Конвенцијата на ОН за климатски промени и Директоратот за клима на ЕУ, најдоцна до септември оваа година. Сите мерки поврзани со климатските промени во нашите земји, развиени и во развој, преку ублажување и приспособување, треба да бидат насочени кон одржливиот развој како крајна дестинација. Затоа, нашите обврски треба да ги сфаќаме сериозно и да делуваме истовремено индивидуално и колективно, да планираме внимателно и да го одредиме најдобриот курс на делување за да ги намалиме емисиите и да се приспособиме кон климатските промени, така што ќе ги направиме нашите земји поотпорни во поглед на климата. Со оваа нова фаза во меѓународната соработка за климатските промени, треба да дадеме придонес преку остварување на акции што ќе резултираат со вистински намалувања на емисиите и соодветни мерки за приспособување и преку заедничка работа да достигнеме силна економска, одржлива и климатски флексибилна иднина.

Инаку, состанокот е во согласност со одлуката на 5-тиот ЕКО Министерскиот состанок за животна средина и има за цел да се унапреди регионалната агенда за 21-та седница на Конференцијата на Страните (COP) на рамковната Конвенцијата за климатски промени на Обединетите Нации (UNFCCC) која треба да се одржи во декември 2015 година во Париз.