Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска, во Штип, присуствуваше на промоцијата на најновата опрема и методологија со кои ќе се идентификуваат изворите на загадувањето на амбиентниот воздух во пет општини во државата, Кавадарци, Струмица, Гостивар, Струга и Куманово. Истражувањата ќе ги врши Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и лабораторијата „Амбикон“, а за прв патќе се спроведе и мерење на загадувањето на воздухот во затворен простор. Изворите на загадувањето ќе се детектираат и во неколку училишта и градинки во општините каде што ќе се мери загаденоста не само со ПМ честичките, туку ќе се утврдува и анализира и присуството на епидемиолошки, бактериолошки и органски компоненти.
Министерката Шукова изјави дека е посебно задоволство кога се гледаат резултати од проектите со кои го подобруваме квалитетот на воздухот во државата, на што Министерство и Владата работат континуирано. “Проектот справување со загадувањето даде добри резултати во својата прва фаза кога се концентриравме на градот Скопје. Сега опфаќаме и градовите Кавадарци, Куманово, Струмица, Струга и Гостивар.
Би сакала да изразам голема благодарност до нашите партнери Кралството Шведска и Шведската амбасада во Скопје за обезбедената финансиска поддршка, УНДП како имплементациона единица, општините вклучени во проектните активности, Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и неговата лабораторија АМБИКОН, како и на сите други што даваат придонес со заеднички координирани активности да обезбедиме почист воздух, а со тоа подобро здравје за нашите граѓани- рече таа.
На настанот говореше и амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин, која потврди дека Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида) продoлжува да и помага на Северна Македонија да се справи со предизвиците во заштитата на животната средина, особено со проблемите со загадувањето на воздухот и управувањето со отпадот. Воведно обраќање имаше и постојаниот претставник на Обединетите Нации, Армен Григорјан, кој посочи дека овие мерења и истражувања во петте градови ќе им покажат на локалните власти што го загадува воздухот во нивните општини, за да можат да планираат и спроведуваат соодветни мерки.
Целта на проектот е откривање и мерење на изворите на загадување на воздухот, идентификување, развој и спроведување соодветни мерки за решавање на проблемите, јакнење на капацитетите на партнерските организации, како и подигнување на јавната свест за опасностите од аерозагадувањето.