(01.02.2019г) Денеска, државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска, учествуваше на јавната расправа по Предлогот на Законот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион што ја организираше Министерството за култура.
За Охридскиот регион, како природно културно и наследство кое што е под заштита на УНЕСКО, МЖСПП меѓу другото, се грижи и за соодветно управување со водите, заштитата на природата и биолошката разновидност и просторното планирање коишто имаат допирни точки со функционалноста и правилата што треба да се регулираат со овој Закон.
– Нашето Министерство активно придонесе во изработка на Законот, особено во делот на синергија со Законот за води и заштита на природата – истакна Петровска во воведното обраќање.
Според неа овој закон ќе му се даде живот на Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, бидејќи тој овозможува да ги согледаме состојбите, ресурсите и проблемите во Охридскиот регион во целина и да ги дефинираме целите, мерките и режимите за заштита. Исто така, во тек е усогласување на Планот со стратегиската процена за влијание врз животната средина,што значи дека во наредниот период ќе се обезбеди интегрирана заштита на Регионот со Закон, со План и Стратегиската оценка која ќе биде еден вид на проверка на реалноста.
– Она што досега беше оставено на дискреционо толкување на управувачите со природното и културното богатство, сега ќе биде генерално дефинирано со одредени режими на заштита- истакна Петровска.
Излагања имаа и Билјана Прентоска, генерален секретар на Националаната комисија за УНЕСКО при Министерство за култура на Република Македонија и Христијан Ѓеорѓиевски од Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, а расправата на водеше Зоран Павлов, претседател на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.