(14.12.2017г.) Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и директорот на канцеларијата за развој на УСАИД, Едвард Гонзалез, денеска, го отворија форумот за јавни политики: „Интегриран пристап за заштита на квалитетот на воздухот: Унапредување на соработката помеѓу централната власт, локалната власт и граѓанските организации“.
– Сакам да истакнам дека сите досега преземени активности на Министерството за животна средина и просторно планирање ги усогласуваме со политиките што ги води Владата кои пред се подразбираат интегриран и координиран пристап на сите засегнати чинители и сектори, заедно со активностите и идеите на граѓанските организации и граѓаните воопшто – изјави заменик министерот Макрадули апелирајќи на градење и негување на партнерски однос и соработка во заедничката и координирана акција. При тоа Макрадули нагласи дека Владата преку интер-ресорската работна група во своите мерки ги има интегрирано сите релевантни предлог-мерки пристигнати по официјален пат или по пат на социјални мрежи.
Во своето обраќање, директорот на канцеларијата за развој на УСАИД, Едвард Гонзалез истакна:
– Се надеваме дека овој настан ќе ја зајакне соработката меѓу јавните и непрофитните организации и граѓаните со цел да се зголеми ефективноста на мерките за заштита од загадувањето на воздухот.
Градоначалникот на Скопје Шилегов потенцираше дека единствен исправен начин да се води борба против нездравата животна средина е заедничкиот интегрален пристап на сите нивоа на власт, заедно со граѓанските организации.
На настанот, претставници од различни сектори – граѓански организации, локални власти и централни институции од своја перспектива ги презентираа идеите за подобрување на соработката со цел да се постигне подобра заштита на квалитетот на воздухот.
Форумот овозможи присутните да развијат дискусија околу предложените пристапи за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот како заедничка цел, но и да се создадат можности за заедничко дејствување во насока на развивање и спроведување на следни чекори за заштита на квалитетот на воздухот.
Настанот го организираше УСАИД во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.