МК – НИ 061

ЕМИСИЈА НА ЦВРСТИ ЧЕСТИЧКИ – ВКУПНИ СУСПЕНДИРАНИ ЧЕСТИЧКИ (TSP), ЦВРСТИ ЧЕСТИЧКИ СО ГОЛЕМИНА ДО 10 МИКРОМЕТРИ (PM10) и 2,5 МИКРОМЕТРИ (PM2,5) smile1 strelki
Дефиниција

Овој индикатор ги следи трендовите на сите видови цврсти честички и тоа вкупни суспендирани честички (TSP), цврсти честички со големина до 10 микрометри и цврсти честички со големина со 2,5 микрометри.

Единици
  • kt/година (килотони на година)
Клучно прашање за политиката

Каков прогрес е направен во редукција на вкупните емисии на цврсти честички во Република Северна Македонија?

Клучна порака

Во 2020 година, вкупните национални емисии на TSP, PM10 и PM2,5 изнесуваат 16.41 kt, 13.43 kt и 8.71 kt, и, соодветно. Во споредба со 1990 година во 2020 година, емисиите се намалени во просек за 72% за сите видови на честички. Ова покажува значителен прогрес во целокупниот тренд. Главната причина за ова намалување се должи на пониските емисии од индустриските процеси (производство на феролегури заради запрено производство или воведување на НДТ, потоа од намалената потрошувачка на јаглен во производство на енергија како и намалена потрошувачка на цврсти горива во домаќинствата на сметка на примена на електрична енергија и пелети).

Понатамошна редукција на овие честички се очекува со проширување на мрежата за гасификацијата како и имлементацијата на активностите во РЕК Битола од Фаза I – кои се однесуваат на редукција на прашина, преку реконструкција на електростатски преципитатори и замена на ID-вентилатори и канали за издувни гасови.

Специфично прашање за политиката

Кои различни сектори и процеси имаат учество во емисиите на различните видови на цврсти честички?

Најголемиот дел од вкупните национални емисии на различните видови цврсти честички потекнуваат од секторот Енергија односно NFR категориите 1.А.1-Производство на енергија и 1.А.4 – Други сектори (домаќинства, административен, комерцијален,). Со намалување на емисиите од овие клучни категории се очекува и редукција на цврстите честички.

Уделот на овие NFR категории е различен во зависност од големина на цврстите честички. Така за TSP најголем удел има 1.А.4 со 39% по што следи 1.А.1 (24%), а потоа 3-Земјоделие (16%) и 2-Индустриски процеси со 10%. Кај PM10 уделите изнесуваат: 1.А.4 (46%), 1.А.1 (20%) и 3-Земјоделие (18%) додека кај најситните честички (PM2.5), најголем е уделот на 1.А.4 со дури 69% по што следат 1.А.1 со 12% и 1.А.2- Согорување во производни индустрии и градежништво со 8%.

NFR категориите 1.А.3-Транспорт, 1.B – Фугитивни емисии и 5 – Отпад имаат помали удели во вкупните емиси на различните видови цврсти честички.

Оценка

На подолу дадениот графикон прикажан е годишен тренд на емисиите на различните видови честички за период 1990 до 2020 година.

Графикон 1. Тренд на емисии на TSP, PM10 и PM2.5CSI 061_TSP_PM10_PM2

 

За годините 2001, 2002 и 2009 емисиите се многу ниски, споредено со другите години. Причините за ова е тоа што емисиите кои доаѓаат од производството на феролегури се многу ниски, заради фактот што во овие години компанијата за производство на феросилициум работела со ограничен капацитет. Воедно производството на феросилициум се намалува и во 2012 од крајот на 2014 и во текот на 2015 година, бидејќи оваа инсталација не ја исполни обврската регулирана во А-дозволата за усогласување со оперативен план за инсталација на филтри за намалување на емисиите на прашина што конечно доведе до нејзино затворање во ноември 2016 година. Исто така, почнувајќи од 2012 се намалува и производството на фероникел. Со текот на годините, емисиите од согорување на цврсто гориво, се намалени, и влијаат на пониските национални емисии на цврсти честички. На променливиот тренд на овие загадувачки супстанци влијае и примената на горива во домаќинствата, од причина што во последните години почнувајќи од 2012 се намалува примената на цврсти горива и јаглен, а се зголемува примената на почисти горива како пелети и електрична енергија.

Уделот во вкупните национални емисии на цврсти честички по NFR категории во 2020 година е прикажана на Графикон 2 и може да се заклучи дека, најголемиот дел од вкупните национални емисии доаѓа од NFR категориите 1.А.4 – Други сектори (пред се греење во домаќинствата) и 1.А.1-Производство на енергија. Од графиконот може да се види дека NFR категоријата 1.А.4 – Други сектори (согорувањето на цврсти горива во домаќинствата и административните објекти) има најголем удел во емисиите на TSP како и во емисиите на поситните честички. Земјоделството, има значително поголеми емисии на TSP и PM10 (околу 2,5 ktво 2020 година), споредено со емисиите на PM2.5 (околу 0.5 ktво 2020 година), заради што уделот на земјоделството во вкупните емисии на TSP и PM10 е значително поголем (16-17%) од уделот во вкупните емисии на PM2.5 (околу 2%).

Графикон 2. Eмисии на PM2.5, PM10 и TSP по NFR категории за 2020 годинаCSI 061_TSP_PM10_PM2_g2

 

На следниот графикон пак се покажани емисиите на вкупни честички (TSP) по NFRкатегории на годишно ниво во периодот 1990-2020 година.

Графикон 3.Eмисии на TSP за период 1990-2020 по NFR категорииCSI 061_TSP_PM10_PM2_g3

 

Од графиконот може да се забележи дека во минатото најголем удел имале емисиите од индустриските процеси и производството на енергија за разлика од последните години, каде уделот на индустриското производство во вкупните емисии на TSP е многу низок, а клучни категории остануваат производството на енергија и согорување на фосилни горива во домаќинствата и административните објекти. Така во 1990 година уделот на емисиите од Индустриски процеси (најмногу од производство на феролегури) изнесува 48%, додека во 2020 година изнесува 10%. Oд друга страна, уделот на емисии од 1.А.4 – Други сектори односно од согорување на фосилни горива во домаќинствата и административните објекти изнесува 21% во 1990 година, а во 2020 година, заради намалениот удел, односно намалените емисии од секторот индустријата, изнесува 39%.

Емисиите од производство на електрична енергија се намалени од 13 ktна 4 kt заради намалена потрошувачка на јаглен и модернизација на РЕК Битола, но уделот е зголемен од 21% во 1990 година до 24% во 2020 година заради намалениот удел на секторот Индустриски процеси. Сличен е трендот и кај другите видови на цврсти честички.

Во однос на исполнување на барањата од зацртаните цели согласно националните и меѓународните документи може да се заклучи следното: Од причина што плафонот за вкупните емисии (TSP) од големи согорувачки постројки опфатени со Националниот план за намалување на емисиите (НПНЕ) за 2020 година изнесува 1738 тони, а од големите согорувачки постројки во 2020 година се испуштени 3685 тони, целта не е постигната, односно плафонот за оваа загадувачка супстанца за 2020 година е надминат.

Опфат на податоци: excel_1, excel_2

Извор на податоци: Министерство за животна средина и просторно планирање

Користените податоци се вкупните национални емисии и емисиите категоризирани по NFR категории кои ЕЕА земјите членки и земјите соработнички ги доставуваат до ЕЕА и Секретаријатот на Обединетите Нации. Податоците се достапни по земја на следната веб страна: https://cdr.eionet.europa.eu/mk/un/clrtap/inventories/envyixaja/. Податоците користени во овој извештај се во согласност со испратените податоци.

Методологија
  • Методологија за пресметка на индикаторот

Методологијата на пресметка на овој индикатор се базира на пресметани национални емисии и емисии по NFR категории на овие загадувачки супстанци кои се репортирани до ЕЕА (Европска агенција за животна средина) и UNECE/EMEP (Економската програма на Обединетите Нации за Европа/ Кооперативната програма за мониторинг и евалуација за прекуграничен пренос на аерозагадување кон Конвенција за прекуграничен пренос на аерозагадувањето) во февруари 2022 година. Податоците користени во овој извештај се во согласност со испратените податоци до меѓународни организации.

Пресметките се во согласност со Упатствaта на ЕМЕП/ЕЕА за инвентаризација на емисии во воздухот публикувани во 2009 2013, 2016 и 2019 година. Во упатствата се дадени емисиони фактори кои се користени во пресметките со исклучок на енергетскиот сектор каде пресметките се направени со користење на национални специфични фактори или примена на податоците од извршените мерења за период 2008-2020 година за овие загадувачки супстанции за NFR категоријата 1.А.1а која се однесува за постројки за производство на електрична и топлинска енергија.

  • Извор за користената методологија

Методологијата која се користеше при пресметка и приказ на овој индикатор е дадена во EMEP/EEA Упатствата за инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздух од 2009, 2013, 2016 и 2019 година кои можат да се најдат на следните линкови (http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-emission-inventory-guidebook-2009, http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-emission-inventory-guidebook-2013, http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-guidebook-2016 и https://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-guidebook-2019).

Цели

Во согласност со барањата од националните и меѓународните документи во однос на емисијата на цврсти честички (TSP, PM10 и PM2,5) зацртани се следните цели:

  1. Конвенција на UNECE за прекуграничен пренос на загадување на воздухот
  • воведена е инвентаризација по EMEP/EEA Упатството за инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздух, која како цел има редовна инвентаризација на TSP, PM10 и PM2,5, во килотони на година, по принципот n-2, каде n е тековната година, при што задолжително е известување почнувајќи од 2000 година.
  1. Согласно договорот со Енергетска заедница усвоен е Националниот план за намалување на емисиите (NERP) од LCP (Големи согорувачки постројки), при што вкупниот плафон за TSP од емисии од големи согорувачки постројки треба да изнесува:
  • 1738 тони за 2018-2023 година.
  • 1361 тони за 2024 година.
  • 985 тони 2025 година.
  • 608 тони за 2026 година.
  • 608 тони за 2027 година.
Обврска за известување
  • Обврските за известување кон меѓународни договори-Конвенција на UNECE за прекуграничен пренос на аерозагадувањето (CLRTAP), како и Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за период 2000-(n-2), каде n e тековната година.
  • Обврска за известување до Енергетската заедница согласно наведени национални плафони за TSP за период 2018-2027 година произлезени од Националниот план за намалување на емисиите од големи согорувачки постројки.
  • Годишен извештај од обработени податоци за емисии во воздухот
  • Годишен извештај од обработени податоци за животна средина
Општи мета-податоци
Тема Воздух Поврзаност со други теми/сектори Климатски промени, Домаќинства, Отпад, Енергија,Транспорт, Здравство,Индустрија
Код на индикаторот MK НИ061 Временска покриеност 1990-2020
Име на индикаторот Емисии на цврсти честички – вкупни суспендирани честички (TSP), честички со големина до 10 микрометри (PM10) и 2,5 микрометри (PM2,5) Извор на податоци Министерство за животна средина и просторно планирање, Инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздухот, 1990-2018 година
Класификација по ДПСИР П Датум на последна верзија 16.06.2022
Тип A Подготвено/ажурирано од: Александра Несторовска-Крстеска
Фреквенција на публикување Годишно Контакт A.Krsteska@moepp.gov.mk
Поврзаност со други индикатори
МК НИ 061 Емисија на цврсти честички EEA – Европска агенција за животна средина CSI 040 – AIR 005; INDP 001
Emissions of the main air pollutants in Europe
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа A1/12, 13, 14 – Emissions of pollutants into the atmospheric air
Каталог на индикатори за животна средина 32 – Emissions of the main air pollutants in Europe (EEA_CSI040/APE010)
SDG – Цели за одржлив развој 3 – 3.9.1: Mortality rate attributed to household and ambient air pollution
9 – 9.4.1: CO2 emission per unit of value added
11 – 11.6.2: Annual mean levels of fine particulate matter (e.g. PM2.5 and PM10) in cities (population weighted)
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија не
Последна измена:  вторник ноември 15th, 2022