БРОЈ И ОПРЕМЕНОСТ НА ПРЕЧИСТИТЕЛНИ СТАНИЦИ ЗА УРБАНИ ОТПАДНИ ВОДИ |
Индикаторот го покажува бројот на пречистителни станици и проектираниот капацитет изразен во еквивалент од жители класифицирани според степенот на прочистување на отпадни води во пречистителните станици, односно примарен, секундарен и соодветен.
- Број и %.
Колку пречистителни станици има, со колкав капацитет се истите и дали се во функција?
Отпадните води од домаќинствата и индустријата создаваат голем притисок врз животната средина. Во разгледуваниот период од 1978 до 2019 година има позитивен тренд на прогрес во изградбата на постројки за третман на урбани отпадни води. Изградени се вкупно 51 пречистителна станица (ПС) со проектиран капацитет од 756 499 еквивалент жители, што претставува значителен пораст на бројот на изградени пречистителни станици.
За жал, во моментов 17 станици не се функционални, заради различни причини, но најчесто необезбедени средства за одржување. Исто така, треба да се направи напор за изградба на пречистителни станици за 34 населени места кои немаат или сеуште не е предвидена изградба на системи за собирање и третман на отпадни води.
Начинот на третман на урбани отпадни води во пречистителни станици (изградени, во фаза на градба и планирани) е следен: примарен во 16 ПС, секундарен во 27 ПС и соодветен степен на прочистување во 4 ПС, а за 17 станици немаме податок за степенот на прочистување.
.
Слика 1.Број на пречистителни станици по години
Слика 2.Број, проектиран капацитет и функционалност на пречистителните станици
Слика 3.Број и проектиран капацитет – еквивалент од жители, според степените на прочистување на отпадните води
Опфат на податоци: excel
Извор на податоци: Единици на локална самоуправа
Изградбата на пречистителна станица за отпадни води прво бара воспоставување на систем за собирање на отпадните води, а потоа и континуирано обезбедување средства за третман на собраните отпадни води.
Иако отпадните води од домаќинствата и индустријата создаваат голем притисок врз животната средина, бидејќи содржат органски материи, нутриенти и опасни материи, во поглед на степенот на изградена канализациона мрежа и капацитети за третман на отпадни води, земјава заостанува во споредба со инфраструктурата за снабдување со вода.
Постојат три степени на прочистување на отпадни води: примарно (механичко) прочистување – подразбира отстранување на цврсти материи од водата преку филтрација и таложење, секундарно (хемиско) прочистување за да се отстранат веќе растворените органски материи и соодветно (биолошко) прочистување кое се врши за билошко отстранување на нутриенти, вкупен азот и вкупен фосфор од ефлуентот пред испуштање во реципиентот.
Во Република Северна Македонија почнувајќи од 1978 година, кога е изградена првата пречистителна станица, досега има изградено вкупно 51 пречистителна станица со проектиран капацитет за 756 499 еквивалент жители. Гледано по година на изградба има позитивен тренд на зголемување на бројот на пречистителни станици, врз основа на што може да се заклучи дека има и позитивен тренд во прогресот на прочистување на урбани отпадни води.
Од вкупниот број пречистителни станици само 34 се моментално во функција и се со проектиран капацитет за 730 744 еквивалент жители. Некои од изградените пречистителни станици ги поврзуваат системите за одведување на отпадни води од повеќе населени места.
Во моментов во фаза на изградба се 6 пречистителни станици со проектиран капацитет за 53 500 еквивалент жители, во 2021 година се очекува да почне изградбата на пречистителна станица во која ќе бидат третирани отпадните води на Град Скопје и со проектиран капацитет од 650 000 еквивалент жители.
Планирани за изградба во иднина или во фаза на подготовка на техничка документација се 6 пречистителни станици со проектиран капацитет од 207 626 еквивалент жители, кој се однесува само на две станици, а за останатите капацитетот ќе се знае после завршување на техничката документација.
За жал има 34 населени места кои немаат или сеуште не е предвидена изградба на системи за собирање и третман на отпадни води, една од причините за ваквата состојба е и недостаток на средства за инвестиции за изградба.
Во однос на степенот на прочистување на отпадни води од сите пречистителни станици (изградени, во фаза на градба и планирани), 16 имаат примарен, 27 секундарен и 4 соодветен степен на прочистување, а за 17 станици немаме податок за степенот на прочистување.
Според претходно кажаното 96,13% од проектираните капацитети се поврзани на систем за секундарно прочистување, 2,13% на примарен и најмал процент од 1,32% од проектираните капацитети се поврзани на систем за соодветен степен на прочистување, што укажува дека за подобрување на квалитетот на водите во водотеците потребно е зголемување на бројот на пречистителни станици со соодветен степен на третман на отпадните води.
.
- Методологија за пресметка на индикаторот
Податоците се обработени согласно барањата од Директивата за одведување и пречистување на комуналните отпадни води (91/271/ЕЕЦ) и Правилникот за поблиските услови за собирање, одведување, прочистување на урбаните отпадни води, начинот и условите за прoектирање, изградба и екплоатација на системите и станици за прочистување на урбаните отпадни води, и техничките стандарди, параметри, стандарди на емисијата, и нормите за квалитет за предтретман, отстранување и прочистување на отпадни води, имајќи го во предвид оптоварувањето и методот за прочистување на урбаните отпадни води коишто се испуштаат во подрачјате чувствителни на испуштање на урбани отпадни води.
Зголемување на степенот на инвестиции во однос на БДП преку изградба на системи за собирање и третман на отпадни води.
- Нема
Тема | Инструменти за политиките на животната средина | Поврзаност со други теми/сектори | Вода, Природа, Отпад |
Код на индикаторот | MK НИ 088 | Временска покриеност | 2019 |
Име на индикаторот | Број и опременост на пречистителни станици за урбани отпадни води | Извор на податоци | Единици на локална самоуправа |
Класификација по ДПСИР | Р | Датум на последна верзија | 29.05.2020 |
Тип | А | Подготвено/ ажурирано од: | Катерина Николовска |
Фреквенција на публикување | Годишно | Контакт | e-пошта: K.Nikolovska@moepp.gov.mk |
МК НИ 088 Број и опременост на пречистителни станици за урбани води | EEA – Европска агенција за животна средина | нема еквивалент |
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа | нема еквивалент | |
Каталог на индикатори за животна средина | нема еквивалент | |
SDG – Цели за одржлив развој | 6 – 6.3.1 Proportion of wastewater safely treated | |
GGI – Индикатори за зелен раст | да | |
Кружна економија | да |