МК – НИ 061

ЕМИСИЈА НА ЦВРСТИ ЧЕСТИЧКИ – ЧЕСТИЧКИ СО ГОЛЕМИНА ДО 10 МИКРОМЕТРИ (PM10) smile1 strelki
Дефиниција

Овој индикатор ги следи трендовите на цврсти честички со големина до 10 микрометри (PM10).

Единици

кт (килотони на година)

Клучно прашање за политиката

Каков прогрес е направен во редукција на цврсти честички со големина до 10 микрометри (PM10) во Република Македонија?

Во 1990 г. вкупните национални емисии на PM10 изнесуваа 48 kt. За споредба емисиите во 2016 г. се значително намалени за 59% на ниво од 19,5 kt. Главната причина за намалувањето се должи на пониските емисии од Индустриските процеси (производство на феролегури), Производство на енергија и Други сектори, каде намалувањето на емисиите се со удел од 81%, 75% и 25%, соодветно, во однос на 1990 г.

На подолу дадениот графикон прикажан е годишен тренд на емисиите на PM10 во период од 1990 до 2016 година.

Графикон 1. Тренд на емисии на цврсти честички со големина до 10 микрометри PM10

CSI_Vozduh2018_061_PM10_g1MK

Оценка

Во рамките на CARDS програмата, во 2005 година, во земјата беше воспоставен Инвентар на емисии на основните загадувачки супстанци во воздухот согласно ЕМЕП методологија по дадени сектори, односно дејности, а во 2014 година беше подготвен инвентар што ги вклучи сите загадувачки супстанци.Започнувајќи од 2014 година, Република Македонија врши пресметки на национaлни емисии за сите загадувачки супстанци.

Изворите на емисии, во рамките на овој национален индикатор, е направена согласно следната категоризација:

 Сектор
Производство и дистрибуција на енергија
Домаќинства и административни објекти
Индустрија (Согорувачки процеси)
Индустрија (Производство)
Фугитивни емисии
Употреба на растворувачи и продукти
Патен сообраќај
Непатен сообраќај
Oтпад
Земјоделство
Друго

Главните извори на емисии на на цврсти честички со големина до 10 микрометри PM10 во 2016 година се секторите 2 – Домаќинства и административни објекти (главно греење во домаќинствата), 4 – Индустрија (Производство) (главно 2C2 Производство на феролегури) , 10 – Земјоделство и 1 – Производство и дистрибуција на енергија со удели 46,6%, 19,6%, 12,1% и 10,9%, соодветно.

Графикон 2. Eмисии на PM10 по сектори на годишно ниво во 2016 година

CSI_Vozduh2018_061_PM10_g2MK

Специфично прашање за политиката

Кои различни сектори и процеси имаат учество во емисиите на PM10?

Главни извори на емисии на PM10 во 2016 г. се NFR категориите 1A4 – Други сектори (главно греење во домаќинствата), 2 – Индустриски процеси (главно 2C2 Производство на феролегури) 3 – Земјоделство и 1A1 – Производство на енергија.

NFR категориите 1B – Фугитивни емисии и 5 – Отпад се незначителни извори на емисии на PM10.

За годините 2001, 2002 и 2009 емисиите на PM10 се многу ниски, споредено со другите години. Причините за ова е тоа што емисиите кои доаѓаат од производството на феролегури се многу ниски, заради фактот што во овие години компанијата за производство на феросилициум работела со ограничен капацитет и произведените количини феросилициум се 80-90% пониски споредено со производството во 2014 г.

Од 2013 г. до 2014 г. емисиите на PM10 повторно се намалиле за 24%, поради намалените емисии од производството на феролегури, како и намалените емисии од греењето во домаќинствата. Значајно намалување на емисиите има во 2016 г. споредено со 2015 г. кое се јавува пред се заради големо намалување на емисиите на PM10 од NFR секторите 2 – Индустриски процеси (главно 2C2 Производство на феролегури), заради намалениот капацитет во работата на инсталацијата за производство на феросилициум и 1A1 Производство на енергија.

 

Графикон 3. Eмисии на PM10 по NFR сектори на годишно ниво

CSI_Vozduh2018_061_PM10_g3MKОпфат на податоци: excel_1, excel_2

Извор на податоци: Користените податоци се вкупните национални емисии и емисиите категоризирани по NFR кои ЕЕА земјите членки и земјите соработнички ги доставуваат до ЕЕА и секретаријатот на Обеденитетите нации.Податоците се достапни по земја на следната веб страна http://cdr.eionet.europa.eu/mk/un/clrtap/inventories/envwovm7g/.

Методологија

Методологијата на пресметка на овој индикатор се базира на пресметани национални емисии и емисии по NFR категории на оваа загадувачка супстанца кои се репортирани до ЕЕА (европска агенција за животна средина) и UNECE/EMEP (Економската програма на обединетите нации за Европа/ Кооперативната програма за мониторинг и евалуација за прекуграничен пренос на аерозагадување кон Конвенција за прекуграничен пренос на аерозагадувањето) во февруари 2016 година. Податоците користени во овој извештај се во согласност со испратените податоци со таа разлика што дополнително е направена распределба на националните емисии освен по NFR (како што се испратени до меѓународни организации) така и по сектори.

Пресметките се во согласност со Упатството на ЕМЕП/ЕЕА за инвентаризација на емисии во воздухот публикувано во 2009, 2013 и 2016.

Извор за користената методологија

Методологијата која се користеше при пресметка и приказ на овој индикатор е дадена во EMEP/EEA Упатство за инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздух од 2009, Упатството од 2013 и Упатството од 2016 година кои можат да се најдат на следните линкови http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-emission-inventory-guidebook-2009, http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-emission-inventory-guidebook-2013 и http://www.eea.europa.eu/publications/emep-eea-guidebook-2016).

Релевантност за креирање на политиката

Донесен е Акцискиот план за европско партнерство, како и Националниот план за апроксимација на домашното законодавство кон европските регулативи во кој се наведени подзаконските акти кои треба да се подготват.

Подготвен е НЕАП 2 во кој се дадени мерките, кои треба да се преземат за подобрување на општата состојба со квалитетот на воздухот, а во таа смисла и намалување на емисиите кои предизвикуваат закиселување. Донесен е Националeн план за заштита на амбиентниот воздух за период од 2012 до 2017 година во кој се наведени мерки за заштита на воздух на национално ниво, и Национална програма за постепена редукција на емисиите до 2020 година со цел дефинирање и спроведување на мерки на национално ниво.

Воедно за подобрување на квалитетот во одделни ЕЛС и акциони планови подготвена е програма за град Битола. Во рамките на проектот “Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на acquis во областа на квалитетот на воздухот” подготвени се Планови за подобрување на квалитетот на воздухот и краткорочни акциони планови за Скопје и Тетово, кои се усвоени и од страна на советите на општините. Општина Велес подготви и усвои План за квалитет на воздух во ноември 2017 година. Подготвен е Национален план за намалување на емисии на сулфур диоксид (SO2), азотни оксиди (NOx) и прашина од постојните големи согорувачки инсталации во Република Македонија. Планот е одобрен од Енергетската заедница и ревидираниот план беше усвоен од страна на Владата на Република Македонија во декември 2017 година.

Цели

Дали со некој од националните документи имаме зацртана цел или треба да се достигне целта во согласност со други меѓународни документи?

Во националните стратешки документи на кои се повикуваме во погоре дадениот текст имаме дадено правци и акции кои треба да бидат приоритетни. Важно е да се напомене дека подготвени се подзаконски акти од областа на емисии во воздухот во кои директивите 96/61/EC, 2000/81/EC, 2000/76/EC, 99/13/EC и 2001/81/EC се транспонирани од 90-100%.

Во согласност со барањата на Конвенцијата на UNECE за прекуграничен пренос на загадување на воздухот, воведена е инвентаризација по EMEP/EEA Упатство за инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздух, која како цел има редовна инвентаризација на загадувачките супстанци во килотони на година по принципот n-2, каде n е тековната година.

Како што веќе споменавме подготвен е усвоен Националниот план за намалување на емисии (NERP).

Од страна на РЕК Битола веќе се преземаат активности за изнаоѓање на финансиски средства за започнување на процесот на десулфуризација со што би се намалиле и емисиите на PM10.

Законска основа

Законот за квалитет на амбиентен воздух кој е донесен во август 2004 година и е повеќе пати дополнет и изменет („Службен весник на РМ бр. 67/2004, 92/2007, 83/2009, 35/2010, 47/2011, 100/2012, 163/2013,10/2015 и 146/2015) претставува рамковен закон од областа на воздухот. Целите на овој закон се избегнување, спречување и намалување на штетните ефекти врз здравјето на луѓето и животната средина како целина, спречување и намалување на загадувањата кои предизвикуваат промена на климата, како и обезбедување на соодветна информација за квалитетот на амбиентниот воздух.

Врз основа на Законот за квалитет на амбиентен воздух, подготвени и донесени се 16 подзаконски акти со кои се воведени гранични вредности за квалитет и емисии во воздухот, методологијата на мониторинг на квалитетот и емисиите во воздухот, начинот на подготовка на планските документи за заштита на воздухот од загадување, начинот на известување на граѓаните и меѓународните организации итн.

Во однос на оваа загадувачка супстанца граничните вредности и праговите за оценка во согласност со рамковната директива за квалитет на воздух 2008/50/ECи се пропишани во следните подзаконски акти: Уредба за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини и толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели и Правилник за критериумите, методите и постапките за оценување на квалитетот на амбиентниот воздух.

Обврска за известување
  • Обврските за известување кон меѓународни договори-Конвенција на UNECE за прекуграничен пренос на аерозагадувањето (CLRTAP), како и Европската агенција за животна средина (ЕЕА)
  • Годишен извештај од обработени податоци за емисии во воздухот
Општи мета-податоци
Ознака Име на индикаторот Усогласеност со CSI ЕЕА или други индикатори Класификација по ДПСИР Тип Поврзаност со област Фреквенција на публикување
MKНИ 061 Емисии на цврсти честички – честички со големина до 10 микрометри (PМ10) UNECE A1/13 П А
  • воздух
  • квалитет на воздух
годишно
Последна измена:  среда февруари 26th, 2020